Кошаркарска фешта во Куманово
Екипата на Куманово викендов ќе биде домаќин на силен турнир во кој ќе се обидат да дојдат до трофејот во конкуренција на Кожув, Работнички и на бугарскиот состав Рилски спортист. Станува збор за турнир што кумановци го организираа и минатата сезона и што според сите најави ќе продолжи да се одржува и во годините што следат. Според утврдената програма, во првото полуфинале в петок ќе се сретнат Кожув и Рилски спортист, по што во вториот меч на програмата Куманово ќе ги одмери силите со Работнички.
„Станува збор за квалитетен турнир што ќе ни овозможи дополнително да ја кренеме формата на нашиот тим. Презадоволен сум од тоа како се одвиваат работите во овој подготвителен период и убеден сум дека ако продолжиме во ист ритам ќе бележиме добри резултати како во домашното првенство, така и во БИБЛ-лигата“ - изјави стратегот на Куманово, Горан Димитријевиќ.
Радуловиќ и Димчевски се уште ги санираат повредите и нема да настапат ниту на овој турнир, но во таборот на кумановци се надеваат дека двајцата квалитетни кошаркари ќе бидат подготвени за стартот на новата натпреварувачка сезона.
